Skip to main content

Едно благодарам - Slagana Madžova

Неделно утро. Есенското сонце се бореше со надвиснатите облаци над градот. Во смрачената соба лежеше мојата убава Елена. Бледите образи ја истакнуваа нејзината болест. Леукемија. Веќе цела година се измачува со несвестицата, гадливоста и слабоста. Не станува од креветот. Постојано лежи. Колку само болка може да предизвика болеста на милото чедо.
- Елена ајде миличка станувај! Погледни денеска ќе има сонце. Благиот ветер ќе ги растргне облаците. Ајде да се прошетаме до парк, убаво ќе ти дојде чист воздух, сонце.
- Не сакам. Уморна сум.
- Но ајде миличка, заради мене ако не сакаш за себе. И јас ете од дома не сум излегла веќе со денови.
- Ајде, но неможам долго да се движам, знаеш.
Се подготвивме и излеговме. Сонцето веќе продираше низ облаците. Ветерот тивко ги галеше нашите лица.
- И? Ти се допаѓа ли шетањето? - ја прашав откако одминавме скоро половина од патот кон паркот.
            -Убаво е мамо, заеш дека јас отсекогаш сум сакала да се шетам. Се радувам што ме натера да видам колку е убаво да си надвор. Есенските бои ми го земаат здивот. Само малку ми студи. Повторно чувствувам вртоглавица. Немам сили за понатаму.
            - Ајде ќе го скратиме патот. Одиме преку плоштадот. Немој да се плашиш, ти си силна, ти можеш, ќе издржиш миличка. Таму ќе се одмориме на една клупа.
Ја поминавме улицата и влеговме на плоштадот. Ја седнав на првата клупа. Бледилото ја покриваше целата нејзина убавина. И устата и очите мислам дека и беа бели.
            - Мамо, мене не ми е добро, јас неможам да дишам! - и додека зборуваше го свлече своето слабо тело покрај моите нозе. Се онесвести.
            Елена, мамино што ти е мило?!- почнав да викам на сет глас. Срцето ми застана. Што му направив на детето. Не требаше да ја изнесам. Мислите ме убиваа додека ја тегнев со сета сила да ја кренам од ладните плочи. Тежеше. Немоќна уште повеќе се вознемирив.
            - Елена, мило, отвори ги очите! - плачев и се молев обидувајќи се повторно да ја земам в раце. Наеднаш почувствував топлина на рамото.
- Дозволете да ви помогнам - рече мочето кое веднаш ја зеде в раце и ја легна на клупата. Ги подигна нозете и од ранецот извади шише вода и почна да ја мие по лицето и вратот, удирајќи ја по образите. Стоев со прегризана усна и гледав како војникот ја буди. Рацете ми беа во грч. Телото ми тежеше, додека во срцето чувствував студ.
- Не плашете се. - ми рече. Еве се разбуди. Ништо не и е.
Погледот на Елена се задржа на неговото лице. – Ви благодарам војнику- му рече обидувајќи се да се поткрене на клупата за да седне.
- Нема за што, тоа ќе го стореше секој но ете сега јас се најдов овде. Се надевам ќе ти биде добро, јас заминувам. Помина деновите за одмор, а возот мене нема да ме чека во 6 36 часот поаѓа со мене или без мене-се насмевна и појде.
- До видување!- извика и брзо зачекори кревајќи ја раката за поздрав.

Останав немо да гледам како се губи во далечината. На клупата до Елена остана и заборавениот чадор и моето каење што не реков ни едно благодарам.

Comments